Онака како што некогаш, преку жената се случи падот на човекот, неговото оддалечување од заедницата со свето-Троичниот Бог, исто, така преку жена дојде и спасението. Но во утробата на каква жена одлучи да се всели Оној за кого мала е и вселената?
Непорочна, света, избрана и измолена од своите родители Јоаким и Ана, плод на нивните свети и Богоотечки молитви. Ете преку таква жена дојде спасението на целиот човечки род.
Бог својата благовест секогаш одбирал преку кој луѓе ќе ја пренесува и секогаш ги избирал најдостојните. И ете преку Марија се случи најголемото чудо кое ги надминува законите на природата, иако света девојка и никогаш од маж недопрена, чиста и пречиста, пример на целомудрие и девственост, надумно и таинствено зачнува од Св. Дух, и во нејзината утроба се случува уште една голема тајна, Бог кој никогаш немал тело, заради нас и нашето спасение прима човечка природа.
Од тој момент таа постана почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, бидејќи нејзината утроба постана престол на Бога. Постана Марија Богородица.
Богородица беше онаа што го следеше Христа за целото време на неговата проповед и спасително провидение за светот. Таа беше онаа што стоеше покрај крстот и трпеше мајчински болки, односно сострадуваше со својот Син и Бог, за спасението на светот и човекот. Пречистата им помагаше и на апостолите во нивната мисија, за проповедање на Евангелието низ целиот свет.
Земјата пак не можеше да го држи Нејзиното Пречисто Тело, затоа иако се упокои и беше погребана, сепак оживеа и
жива на Небесета се вознесе.
Постојано се моли и води грижа за целиот свет и за секоја душа која во покајание живее.
Затоа Црквата и возвраќа на нејзината љубов со љубов,па во сите богослуженија, и црковни песни и химни си споменува за неа. Дури шест празника во годината се посветени на Неа.
Таа е заштитничка на православната вера, и на православното монаштво.
Пресвета Богородице моли го Бога за нас!
За Богородица
The URI to TrackBack this entry is: http://prezviteraleksandar.wordpress.com/2010/08/23/%d0%b7%d0%b0-%d0%b1%d0%be%d0%b3%d0%be%d1%80%d0%be%d0%b4%d0%b8%d1%86%d0%b0/trackback/




