За негативните аспекти од користењето на социјалните интернет мрежи

Заедницата и комуникацијата меѓу луѓето се едни од автентичните дарови со кои е обдарена човековата природа. Да се општи, да се биде во заедница со другиот човек е вистинска среќа. Всушност црковнословенскиот збор срешта значи средба. Во средбата и заедницата со Бога и ближниот се чувствува вистинска  радост.

Заедницата и комуникацијата се случуваат на повеќе начини и преку повеќе средства. Преку јазикот како алтка за рабирање на луѓето, преку  чувствата, преку пишувањето и преку дружењето.

Ние во Православната Црква знаеме заедницата да ја релизираме на најсовршен начин, преку молитвата за другиот човек. Преку соборната и заедничката молитва на светата литургија, преку заедничкото причестување со Телото и Крвта Христови, а и преку личната молитва за другите. Преку искреноста и спонтаноста на заедницата, заедница во која се разголува душата од маските, која многу јасно се изразува во светата тајна исповед, каде ги откриваме раните на душата, за со помош Божја, која повторно доаѓа преку ближниот да ги исцелиме истите.

За жал векот во кој што живееме, како никогаш до сега ни го донесе оттуѓувањето од Бога, од ближните, како и од сопствената автентична природа. Човекот оттуѓен и надвор од Црквата копнее по заедница, за која поради острастеноста постанал неспособен.

Освен ова векот во кој што живееме ни ги донесе и најсовремените технолошки достигнувања како што е интернетот и социјалните мрежи(Facebook) и останатите преку кој луѓето комуницираат, но преку која комуникација скоро невозможно е да се воспостави вистинска заедница, и да се залечи алиенацијата.

Немам намера во овој текст да го критикувам интернетот и социјалните мрежи, затоа што ако се користат како што треба тие не може да му наштетат на духовното и психичкото здравје на човекот. Имам намера да ја искритикувам и да укажам на штетноста од тоа вистинската заедницата да се замени со социјалните мрежи.

Имено  се случуваат неколку суштински негативни дејствија, коишто веќе алиенираниот, оттуѓениот човек го втурнуваат во уште поголемо оттуѓување. Оттуѓениот човек започнува потребата од вистинска заедница да ја заменува со комуницирање со луѓе коишто воопшто не ги запознал, коишто не ги видел и преку пишување почнува да ги споделува своите чувства и мисли со личности кој не ги познава, на посреден начин преку компјутерот, а на непосреден начин со компјутерот.  Сето тоа му дава слобода да се престави во најдобро светло, често нереално каков што не е. За сметка на тоа да добива пофалби и утеха од другиот човек кого не го познава. Затоа што да бидеме сосема реални, не знаеме кој е навистина човекот од другата страна на тастатурата. Ваквите разговори можат да траат и со часови, иако да му даваат лажна надеж и утеха на човекот.   На крајот кога ќе го исклучи компјутерот таквиот човек чувствува повторно празнина и копнеж зашто тој не бил во вистинска заедница туку во квази односно во виртуелна заедница. Со наредното вклучување на компјутерот повторно својата потреба по заедница ја заменува со квази заедница, и повторно празнина, така неретко залажувајќи се долго време некој и до смртта.

Друго суштинско негативно дејство, се состои во тоа што многу луѓе кај кој процесот на оттуѓување бил на почеток, но луѓе кој што комуницирале, кој што се дружеле со своите роднини, пријатели, другари од малото, истата комуникација ја замениле со facebook комуникацја. Па се случува еден човек со својот другар од соседната зграда, наместо да прошетаат заедно, да се видат, да се дружат, тие комуницираат преку социјална мрежа, неретко за жал почесто преку социјална интернет мрежа отколку вистински. На таков начин човекот го заменува својот реален, свет и реална заедница со виртуелна, правејќи се себеси постепено но сигурно неспособен за заедница, затворен, и маскиран со превезот на маската што самиот за себеси ја искреирал.

Наредното негативно дејство се состои во феноменот на сеирџиството. Имено многумина се на социјалните мрежи за себеси да се постават во улогата на мал Бог. Удобно сместени во фотеља, во своите топли домови со помош на тастатурата ги разгеледуваат семејните фотографии на другите луѓе , често пати потсмевајќи им се или критикувајќи ги, нуркајќи по приватноста на другите луѓе. Плодот на ова е бура од помисли и расеаност, кој ја попречуваат молитвата односно општењето со Бога. Бидејќи ако се занимаваме со животите на другите луѓе, ние не можеме да го собереме умот на молитва ниту да ја видиме сопствената гревовност.

Резултати на замената на вистинското заедничарење со социјалните мрежи  накратко кажано се квазикомуницирањето или општењето под превезот на маските, се подлабоко отуѓување, расеаност, неспособност за молитва.

Сега се поставува прашањето дали и во која мера може да ги користиме социјалните мрежи?

Може да ги користиме според потребите за доброто наше и доброто на ближните во умерени мерки, кога навистина е целисходно и потребно.  Но во никој случај вистинската заедница да не ја замениме со оваа квази заедница, и во никој случај со часови да не седиме на социјалните мрежи водејќи празни разговори. Ако се случува ова да ја менуваме реалната заедница со квазизаедница, реалноста со виртуелна реалност, доколку оттуѓувањето се продлабочува, ако нашето присуство на социјалните мрежи не го ограничеме на пократко време, во тој случај најдобро е да се откажеме од користењето на социјалните мрежи и да ја лекуваме нашата оттуѓеност.

Како пак се лекува оттуѓеноста? Почетокот е светата тајна исповед и покајание каде нашите рани ќе ги откриеме пред Црквата, потоа учеството во светотаинскиот живот и соборноста на Црквата, преку причестување со телото и крвта Христови. Склопување на вистински пријателства преку отворање на нашата душа, и што е најважно од се општење со Живиот Бог Христос преку молитвата.  Учество во целосниот подвижнички живот, како и со секојдневно испланирани активности, како што е читањето, пишувањето, спортските активности и слично.

Advertisements
Published in: on Јануари 26, 2012 at 3:21 pm  Comments (2)  

За Богородица

Онака како што некогаш, преку жената се случи падот на човекот, неговото оддалечување од заедницата со свето-Троичниот Бог, исто, така преку жена дојде и спасението. Но во утробата на каква жена одлучи да се всели Оној за кого мала е и вселената?
Непорочна, света, избрана и измолена од своите родители Јоаким и Ана, плод на нивните свети и Богоотечки молитви. Ете преку таква жена дојде спасението на целиот човечки род.
Бог својата благовест секогаш одбирал преку кој луѓе ќе ја пренесува и секогаш ги избирал најдостојните. И ете преку Марија се случи најголемото чудо кое ги надминува законите на природата, иако света девојка и никогаш од маж недопрена, чиста и пречиста, пример на целомудрие и девственост, надумно и таинствено зачнува од Св. Дух, и во нејзината утроба се случува уште една голема тајна, Бог кој никогаш немал тело, заради нас и нашето спасение прима човечка природа.
Од тој момент таа постана почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, бидејќи нејзината утроба постана престол на Бога. Постана Марија Богородица.
Богородица беше онаа што го следеше Христа за целото време на неговата проповед и спасително провидение за светот. Таа беше онаа што стоеше покрај крстот и трпеше мајчински болки, односно сострадуваше со својот Син и Бог, за спасението на светот и човекот. Пречистата им помагаше и на апостолите во нивната мисија, за проповедање на Евангелието низ целиот свет.
Земјата пак не можеше да го држи Нејзиното Пречисто Тело, затоа иако се упокои и беше погребана, сепак оживеа и
жива на Небесета се вознесе.
Постојано се моли и води грижа за целиот свет и за секоја душа која во покајание живее.
Затоа Црквата и возвраќа на нејзината љубов со љубов,па во сите богослуженија, и црковни песни и химни си споменува за неа. Дури шест празника во годината се посветени на Неа.
Таа е заштитничка на православната вера, и на православното монаштво.
Пресвета Богородице моли го Бога за нас!

Published in: on Август 23, 2010 at 12:08 pm  Напиши коментар  

Литургиски или традиционалистички начин на празнување.

Драги мои измина периодот на Божиќните и Богојавленски празнувања. Ги прославивме овие празници секој на начин кој беше најдобар за него. Сепак сите начини на празнување се вклопуваат или не се вклопуваат во два општи генерални начини на празнување литургискиот и традиционалистичкиот. Она пак што ме мотивира да пишувам за оваа тема е моето скромно пастирско свештеничко искуство, и моето долгогодишно искуство како верник.
Литургиски начин на празнување подразбира, свест за самата содржина на празникот кој го празнуваме, подготовка за празникот преку пост молитва и Богоугодни дела, и на крајот како круна на се, учество во литургијата, и причестување со светите тајни Христови. Преку литургијата и преку литургиското прославување не само што учествуваме во споменот, односно во историската димензија на настанот или светителот кој го празнуваме, туку и ние стануваме учесници , и причесници во самиот настан, и самото празнување за нас постанува и поттик за преобразба на нашиот живот. Во православната Црква сите нејзини членови својот идентитет го црпат токму од литургијата, без разлика дали станува збор за клирици или лаици. Ако се согласиме дека е така, тогаш дали некој може да каже дека го прославил Божиќ , ако не отишол во Црква на литургија и не се причестил, ако не се потрудил да го пости Божиќниот пост, ако не знае што се празнува на Божиќ????
Ние би рекле не. Но многумина би ни одговориле дека иако не отишле во Црква сепак го прославиле Божиќ. Кога ќе ги запрашаме како го прославиле ни наведуваат, дека палеле коледарски огнови, пиеле блага ракија, испалиле огномет или испекле прасе и се прејале и опиле. Или на Водици направиле разнообразни обичаи, врзување -одврзување крстови, кумови на крстот, пеење и играње и слично, за литургија и причест ни збор. Сите овие постапки и обичаи и многу други, се нарекуваат традиционалистички начин на празнување.
Сега се поставува прашањето на кој начин треба да се празнуваат празниците?
Се разбира литургиски пред се, бидејќи без тоа и нема празнување. Секако може да се прифатат и некои работи од традиционалистичкиот начин на празнување кој не се спротивставени на православното предание. Но секогаш акцентот да биде ставен на литургиското празнување. За жал денес е поинаку празнувањето во многу места се сведува традиционализам а, од литургија нема ни Л. Треба многу труд и од страна на свештенството но и од страна на народот, да се стави акцент на литургиското празнување на празниците.

Published in: on Јануари 19, 2010 at 10:51 pm  Comments (1)  

За дарот на раѓањето и абортусот

Кога некој би ме запрашал кој дар со кој Бог го обдарил човекот е најголем, иако сите се големи и бесценети, сепак јас би одговорил дека тоа е дарот на раѓањето и на семејството. Што има поубаво од тоа да бидете свесни, дека вие и вашата сопруга заедно со Бога сте учествувале во создавањето на нов живот, во создавањето на ново битие, кое ќе му се радува на животот и на Бога. Но за жал живееме во време кога многумина не се свесни за овој дар. Па слушаме како се борат за правата на жената, која наводно може да одлучува за својот живот и животот на “плодот”. Ова последното плодот го пишувам во наводници, зошто тоа никако не е плод туку душа жива. Веројатно во овој момент насетивте дека ќе зборувам токму за православниот поглед на абортусот. Би рекол не само православен, туку единствен хуман и човечки поглед. За православниот христијанин животот започнува со моментот на зачнувањето зошто во тој момент настанува нов човек со душа жива според образот и подобието на Бога. Но многу години пред православното учење и Хипократ во заклетвата за лекарите наменета, која и денес се употребува, вели дека ќе го почитува и чува човековиот живот од моментот на зачнувањето. Дозволете ми да ја изразам својата згрозеност и зачуденост, од тоа како еден Хипократ незнабожец беше свесен дека животот започнува со зачнувањето а, многу христијани не се свесни. Сепак не само православното учење го зборува тоа, туку православното учење го потврдува и современата наука и медицина. Зарем не е науката која ни укажува дека дететето во утробата на мајката добива срцева акција уште во петтата недела, по зачнувањето, а свесни сме дека најголемиот број абортуси се извршуваат токму меѓу петтата и 16 недела на бременоста. Еден американски лекар со ултразвучната технологија го снимаше абортусот на мајка во трет месец од бременоста. Така го создаде филмот кој тогаш ја шокираше јавноста, но и ден денес ја шокира, филомт се вика “Нем крик”. Зошто нем крик? Затоа што се гледа дека бебето чувствувајќи ја смртната опасност устата ја движи како да плаче, пулсот му се зголемува, се грчи, но сепак глас не се слуша. затоа е нем крик. Крик со кој ги моли своите родители да не го убијат уште неродено, да не го убијат уште пред да ја види светлината на овој свет. Но попусто е се за неколку минути неговото мало тело на најсуров начин ќе биде усмртено. Но многумина ќе најдат изговори, секако плод на човековата огревовена логика. На пример, како финансиски ќе се издржи одгледувањето на децата, како Бог да не води сметка за тоа, па луѓе нашите баби и дедовци раѓаа по десет деца и сите ги раснеа со скромни приходи, затоа што имаа жива вера. Друг изговор е што ако се утврди дека детето е со телесна мана, дали тогаш не треба да се абортира? Јас таквите би ги запрашал, што ако некој направи сообраќајка и остане доживотен инвалид треба ли да го убиеме? Ако таквиот човек немаме право да го убиеме немаме право ни детето во утробата на мајката да го убиеме. Има и многу други изговори кој не заслужуваат да се образложуваат. Едно е сигурно Православната Црква никогаш нема да подржи абортус колку и изговорот за тоа да е силен и логичен. Љубовта ја надминува логиката. Наше е да ги повикаме мајките кој извршиле абортус да се исповедаат и покајат, а за невино убиените деца во крв крстени да испросиме покој. Да повикаме на општо подигање на свеста по ова прашање, и на крајот да апелираме до Државата да донесе поригорозни закони во однос на абортусот.

Published in: on Јануари 15, 2010 at 7:37 pm  Напиши коментар  

За дарот на болестите

Често пати кога ќе не снајде болест или страдање роптаме на Бога, велејќи дека тоа не е праведно, или се прашуваме зошто ако Бог е љубов нам ни се случува да се разболиме или да страдаме.
Но драги мои многумина од вас сфатиле, а многумина можеби и не дека болестите од љубовта Божја произлегуваат. Но можеби и ќе се најде некој меѓу вас што ќе рече, овој поп зборува неповрзано каква врска има љубовта со страдањето и зошто ако некого го љубиш да му причинуваш страдање?
Можеби затоа што љубовта Божја не е сентиметална, туку спасителна, домостроителна. Таа има само една и единствена цел а, таа цел не е како на човекот во овој свет да му биде животот поугоден, туку како човекот да го достигне вечното спасение со други зборови како да се обожи. Страдањето води кон воскресение, Христос Бог страдаше но и воскресна по три дена, мачениците страдаа но со небесен венец се овенчаа. На еден од најголемите подвижници на минатиот век старец Пајсиј, кога му кажале дека боледува од рак тој се радувал на болеста, дури и не примал лекарства сметајќи ја самата болест за лек, бидејќи верувал дека преку страдањето ќе се очисти од гревовите.
Но како болестите делуваат спасително? Преку тоа што не смируваат и ни покажуваат дека сме мали и немоќни, преку тоа што не потсетуваат дека нашиот живот е минлив, бидејќи потенцијалниот крај на секоја болест покрај оздравувањето е и смртта, затоа секоја болест е поттик за покајание. Преку болката, зошто сме свесни дека болката е последица на гревот, или лек преку кој се каеме. И на уште многу други начини болестите не спасуваат, кој нам не ни се познати но на Бога му се познати.
На крај зошто одлучив да напишам нешто на оваа тема? Затоа што бев 15 дена во болница, од сериозно воспаление на белите дробови, поради кое два дена бев на кислород, поради намален капацитет на дишење предизвикан од воспалението. Јас научив некои работи од мојата болест.
Научив дека никогаш не треба да бидеме амбициозни и да велиме ова или она ќе направиме, зошто сами ништо не може да направиме. Научив дека може да оздравиме само ако Бог сака инаку сите лекарства на овој свет не ни помагаат ако Бог не сака. Научив помалку да се грижам за материјалните нешта, зошто кога ќе се разболеш стануваат малку битни, туку грижата да му ја препуштам на Бога. Научив да не планирам ништо зошто Бог секој план го осуетува. Научив дека секој ден треба да се живее радосно како да е последен, и во секој ден да се љубат Бог и ближните до самозаборав, и уште многу друго научив но доста е толку…………

Published in: on Јануари 14, 2010 at 3:52 pm  Comments (1)  

Црквата и секуларноста

Драги мои денес се почесто, се пишува и зборува за положбата на Црквата во секуларното општество. Еве решив и јас со вас да го споделам моето размислување. Моето кажување ќе го започнам, со исказот дека суштината на Црковното живеење е заедницата , соборноста, и можеби најдоброто нешто е во се,што секој човек кој ќе стане член на Црквата, ја задржува својата индивидуалност, а притоа влегува во заедницата, во која просто и едноставно математичката операција собирање не постои бидејќи 1+1=1, притоа секое од овие две или повеќе еден(1) ја запазува својата индивидуалност.
Додека приципот на секуларност подразбира двоења и поделби на секое едно на мноштво, притоа секуларизмот укажува дека работите во овој свет имаатсвоја цел, секоја пооделна и вештачки оделена работа има и своја цел. Принципот на секуларност покрај оваа општа определба подразбира и подвоеност на Црквата од државата.
Што се однесува до општата широка, определба на секуларизмот тој се коси со православната онтологија, која многу јасно укажува на фактот дека ниту човекот ниту било кое друго создание во овој свет, нема своја цел, туку се има цел во Бога во обожувањето. Човекот и светот треба да се обожат и облагодатат, да бидат во заедница со Бога. Но корените на секуларизмот лежат всушност во првиот гревопад на нашите прародители Адам и Ева, кога тие се одвоија од Бога по својот слободен избор, оттогаш настанаа мултиплициран број на делби и поделби.
Што се однесува до втората и најчесто употребувана определба на секуларизмот за подвоеноста на државата од Црквата, не би дискутирал за онтологијата на овој проблем туку историски би го согледал. Теократските општества и царства биле најчесто и најмоќните, зошто не знам, тоа оставам на вас да размислите. Во времето на византиската империја(313-1414), Црквата и државата беа едно. Тоа резултираше со еден општ напредок на целата империја, со просечно силен морал, силна држава, и држење на принципот дека се има цел во Бога. Но сигурно ќе се најде и некој од вас што ќе ме искритикува и ќе рече дека тоа единство на Црквата и државата донесе и многу штета на Црквата, мојот одговор е да не велам не и не спорам со тоа, но сепак тој модел на единство за мене е поубав може ќе ми се спротивставите но еве уште еден пример. Русија додека беше теократски Царство го доживеа својот процут, тогаш кога безбожните атеистички комунисти го убија светиот цар Николај со неговото семејство и го рушија православното Царство Русија го доживеа најдлабокиот пораз, од копј и до ден денес не може да се опорави.
Но доста е, Црквата и кога била одвоена од државата и кога била со неа никогаш не се ослабела нејзината сила, и од ваквото единство меѓу државата и Црквата секогаш повеќе имала корист државата зошто била облагодатена со молитвите на Црквата отколку Црквата, која често и трпела штети од мешањето на императорите.
Сепак размислете за тоа што се случи во ренесансата, ренесенсата го отфрли Бога и Црквата и како плод на тоа се појави многу неморал, и враќање кон вредностите на паганизмот во кој за жал и денес живееме.
Значи Црквата одвоена или во заедница со државата ќе остане неразрушива ни вратите на пеколот нема да ја надвладеат, државата е таа која трпи штета кога се оддалечува од изворот на спасението-Црквата.

Published in: on Октомври 8, 2009 at 5:44 pm  Напиши коментар  

љубовта………….

Драги мои многумина пишуваат за љубовта……….Љубовта е бла бла бла…………..Но кому му е грижа за философските расправи за тоа што е љубовта или која е нејзината суштина?
Љубовта не е философија, теорија, расправа дискусија, љубовта е подвиг, труд и практично делање. Но некој од вас ќе се запраша во своите длабоки размислувања, ако љубовта е практично делање, таа е насочена кон два различни објекта кон Бога и кон ближните, какво е практичното делање кон Бога а, какво кон ближните?
Кон Бога како? Па така со едноставни практични чекори. Кој се тие? Еве некои од нив…..Кога го гледаме целиот свет и знаеме дека Он го створил, и одеднаш застануваме во нашата соба, пред кандилото и иконата и се молиме и Му благодариме за се а, нашето срце се полни со топлина, слично како кога од надвор в зиме ќе влеземе во топла просторија, и колку ни е убаво. Така и е убаво на душата која го љуби Бога зошто разговара со љубениот со Нејзиниот жених. Но сигурно ова е малку сакате уште да ви зборувам ако може и нешто попросто. Тогаш еве Љубов кон Бога е кога вашата баба ја спрема најубавата пита со сирење, а вие не вкусувате од неа затоа што е петок и се пости затоа што во тој ден вашиот Бог бил распнат……Но сигурно и ова е малку еве уште нешто Љубов е кога на св. Никола е -20 степени а вие станувате и одите во некоја зафрлена планинска Црква на литургија каде што нема греење а, сепак ви е топло зошто одите Нему да му благодарите и да се причестите. Љубов е кога совеста ќе ве разобличи а, вие трчате да се исповедате на вашиот духовник.. Љубов е кога сакате да украдете едно пенкало но знаете дека Љубениот Бог ќе го разжалостите и веднаш се повлекувате. Ете тоа се некои практични постапки а има многу……………..
Кон ближниот? Љубов е кога гледате дека вашиот ближен тргнал по лош пат, а вие го советувате и се молите на Бога за него да му помогне. Љубов е кога ќе го навредите ближниот и одите со трчање и со солзи да побарате прошка. Љубов е кога знаете која е омилената книга , икона или украс на вашиот ближен и трчате во продавница да му го купите иако вашето ќесе ќе остане празно. Љубов е кога ќе чуете дека вашиот комшија е во болница а вие плачете, искрено и одите да го посетите.Љубов е кога некој е намуртен а, вие ќе му се насмеете и што уште не…………..
Вежбај те се во оваа практична љубов и баталете расправии за љубовта……….

Published in: on Октомври 5, 2009 at 8:47 pm  Comments (1)  

Бог човекот и тајната на благодарноста

Бог го создаде човекот, а човекот сакаше да му заблагодари на Бога, но не знаеше како. Во стариот завет му принесуваше овни кози и слично на жртва сепак таа не беше потполна и достојна благодарност. Тогаш добриот Бог откако се воплоти прими крст,распнување и воскресна, од љубов која не може да се разбере и искаже, го научи човекот како да благодари. Да му принесе од благодарност леб и вино и вода, она што беше есенцијално за животот човечки. Но тие пак не беа негови човечки дарови тие беа пак од Бога. Но добриот Бог ги прими како да се наши и не само што ги прими , туку и ги претвора на секоја литургија во свои тело и крв. Но не само што ги претвора туку и не храни со нив……Замислете само каква љубов, доколку некој ви направи некое добро, и вие за да му заблагодарите да земете пак некој дар кој е негов и да му го дадете, пошто ништо немате свое со што би благодареле, каква благодарност е таа? Бог пак му ги дал на човекот сите добра, сета радост а,човекот зема од даровите кој не се негови,(леб ,вино и вода)и му благодари на Бога, а Бог се радува на благодарноста и ги претвора во тело и крв и не храни со нив. За благодарноста се дава Самиот Себеси за храна на човекот. На крајот заклучокот е дека човекот нема свои дарови со кој би му благодарел на Бога, најголемата благодарносте љубовта која човекот ја возвраќа на лудата љубов Божја.

Published in: on Октомври 5, 2009 at 7:55 pm  Comments (2)  

ОДЛУКА

Еве решив да отворам блог, затоа што сакам непристрасно и без страв да ги кажам своите ставови, и бла бла бла…Но добро драги мои и ние и вие знаеме дека тоа е многу тешко а понекогаш и непродуктивно и погрешно, па затоа простете му на вашиот пријател што нема така да постапува.

Но затоа пак одлучив да ви ги соопштувам сите ставови и одлуки и размислувања кој се полезни за мене и за вас и кој се во согласност со учењето на Едната Света Соборна и Апостолска Црква бидејќи во неа е полнотата на животот и радоста. се надевам ви се допага мојата одлука………….

Published in: on Октомври 5, 2009 at 7:30 pm  Comments (1)  

Zdravo na site…….

Published in: on Октомври 5, 2009 at 7:23 pm  Напиши коментар